Инвеститор: Македонска православна црква, Црковен одбор
Автор: м-р асист М. Токарев, д.и.а.
Проектирано 1980 год., изведувано 1983-88 год. од страна на доброволци и делумно од ГРО „Бетон“, Струмица
При изградбата на нова црква во северозападниот дел на верскиот ансамбл „Св. Петнаесет тивериополски свештеномаченици“ се откриени археолошки остатоци од првобитната ранохристијанска црква со гробни наоди и со фрагменти од најстари фрески на територијата на Р. Македонија. Поради тоа, местоположбата на новиот храм е поместена кон исток со југоисточна инклинација.
Со цел достојно да се оформи овој значаен верски ансамбл, беше поставена задача да се испроектираат конаци и да се направи соодветно партерно решение. Почитувајќи ја долговековната традиција на периметрално поставување конаци, авторот нив ги обликува со тремови и чардаци ориентирани кон дворот. Одаите (ќелиите), освен прозорци кон дворот имаат прозорци и кон надвор, при што се формира традиционално еркерско назапчување. На таков начин одаите добиваат поволна ориентација, при што истовремено се заштитени од жешкото југозападно сонце и од љубопитните погледи од надвор.
За подобро вклопување во наклонетиот терен, конаците се решени со ламели на полунивоа. Во приземјето на јужното крило е сместена големата трпезарија со кујна, а во продолжение се наоѓаат заедничките санитарни простории и магацини. Заради оформување на тивок простор, дворот од источната страна е ограден и покриен со натстрешница, која во западна насока поминува во кров над централно поставената фонтана, како реминисценција на крстилница.
За жал, натстрешницата и фонтаната не се изведени според проектот, исто како што и кровните волумени беспотребно се надвишени, така што се појавуваат невкусни калкански делови. Како и да е, со концептот за решението се добива еден релативно изолиран верски простор, во кој човек може во голема мера да се оддалечи од динамичната и непријатна надворешност, која уште повеќе е нагласена во сè уште деградираната непосредна околина.