Конкурсен труд: III награда, 1989 год.
Автори: д-р проф. М. Токарев, д.и.а. и К. Грчев, д.и.а.
Трудот претставува конмплексен пристап во разрешувањето на проблемите во наследените стари градски јадра, при што се предлагаат решенија за нивна ревитализација. За таа цел предложено е редефинирање на: блоковите околу улицата, сообраќајната шема и волумените на некои објекти. Заради поставување на правилен однос кон наследените објекти, извршена е нивна ревалоризација, која како незаменлива појдовна основа беше посебно вреднувана од страна на жирито.
Преку интегралните основи на предметниот простор (прикажани на три нивоа) и преку интегралните улични фасади детално е презентирана идејата за ревитализација со: уредување на партерот, адаптација на објектите, нивна доградба, надградба или интерполација на нова соодветна архитектура.
Посебен квалитет, според жирито, претставува предлог-решението за Младински културен центар на просторот зад т.н. објект на Концертната дирекција, со успешно вклопување на старото и новото. До тој простор предложено е објектот на старата печатница „Гоце Делчев“, да биде адаптиран и реконструиран за потребите на Градска библиотека, со пригодни јавни простори кон улицата.
Иако жирито имаше повеќе пофалби за овој конкурен труд, тој не беше рангиран на повисоко, со образложение дека има „голема доза на ликовна уедначеност со призвук на строгост“. Меѓутоа, таквиот пристап од страна на авторите намерно беше применет со цел да се воспостави континуитет со наследениот академски начин во обликувањето на предметниот простор. Познато е дека во Европа веќе 15-20 години пред тоа беше напуштена методата за навлегување во старите градски ансамбли со т.н. атрактивна или сензационалистичка архитектура, што како пристап провејуваше во конкурсните трудови рангирани повисоко.