Институција: Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Струмица
Авторски тим: д-р проф. М. Токарев, д.и.а., асист. Е. Касапова, д.и.а. и Славица Тасева, д.и.а.; консултант: А. Цицимов, д.и.а.
Студија на постојната состојба: 1988 година
Архитектонско-урбанистички проект: 1992 година
Реализација: почнувајќи од 1994 година, по етапи
Оваа староградска улица е настаната во втората деценија на ХХ век и е обликувана во духот на неостиловите поврзани со домашната традиција. Во текот на ХХ век, улицата нема претрпено значајни промени, така што нејзиниот амбиент создава карактеристичен дух на местото:
Во рамките на студијата на постојната состојба направени се: документација и инвентаризација, како и анализи од различни аспекти: архитектонско-технички, историско-уметнички, културно-естетски и др. Врз основа на нив, извршена е валоризација на градителското наследство, даден е режим за негова заштита и се поставени програмските насоки за ревитализација на улицата.
Во рамките на архитектонско-урбанистичкото решение предвидена е ревитализација на улицата со цел да ги задоволи актуелните потреби, а во согласност со нејзините културно-историски карактеристики. За таа цел, изработени се интегрални основи со објектите на улицата, со посебен акцент на нејзиното партерно уредување за потребите на пешаците. Во интегралните улични фасади се прикажани: реставриранигте стари вредни објекти, приспособените (ремоделирани) понови објекти, како и вградените (интерполирани) објекти, проектирани во согласност со амбиентот.
Основни принципи во планирањето: континуитетот и идентитетот на улицата се почитува и се надополнува со помош на речникот на модерната архитектура, приспособен на основните карактеристики на зачуваната и реставрирана архитектонска содржина и облик. Притоа, подеднаква важност им е дадена на просторноволуменските односи меѓу објектите, ритамот и пропорцијата, на второстепената пластика, како и на складната колористичка композиција, која произлегува од некогашната колористичка гама на улицата. Како резултат на тоа, архитектонскиот израз на новите објекти ги содржи современите тенденции на архитектурата која преку својот начин на обликување, со нови средства ги интерпретира препознатливите архитектонски белези на стариот градски центар во Струмица.