БИОГРАФИЈА
Токарев има завршено отсек за архитектура во 1968 година при Архитектонскоградежниот факултет на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” – Скопје. По дипломирањето тој се вработува во “Градба-проект”, од Скопје, каде работи на низа архитектонски проекти и урбанистички планови (како член на тим со Л. Кубеш и А. Токарев).
Во 1969/70 год. М. Токарев работи во “КГК Инженеринг” во својство на самостоен проектант, при што има изработено неколку архитектонски проекти.
Oд 1971 год., па сè до 2009 год. М.Токарев е вработен на Архитектонскиот факултет во Скопје, каде ги поминува сите скалила на своето усовршување, пред сè во областа на историјата на архитектурата и заштитата со ревитализација на градителското наследство. Тој е избиран и реизбиран во сите наставно-научни звања: од асистент (1971), па сè до редовен професор (1999 год.).
Во неговата предметна област, М. Токарев ги има стекнато сите научни звања со магистрирање (1980), хабилитирање (1981) и докторирање (1986). Тој се јавува и како автор на 8 книги од областа на историјата на архитектурата и од областа на гра-дителското наследство.
М. Токарев е долгогодишен соработник на стручното списание "Порта 3", на чии страници има напишано преку 180 прилози од областа на историјата и теоријата на модерната архитектура и архитектонската критика.
Тој се јавува и како учесник на дваесетина Меѓународни симпозиуми, во чии Зборници се објавени неговите реферати, пред сè од областа на заштитата и ревитализацијата на градителското наследство.
Паралелно со наведените наставно-научни постигнувања, М. Токарев работи и во областа на архитектонското проектирање, на урбанистичкото планирање, како и во изработката на ревизии (рецензии) на проекти, а особено од областа на градителското наследство. Притоа, како самостоен проектант, или како член на тим, тој има изработено:
над 30 архитектонски проекти, од кои мнозинството се реализирани,
поголем број ревизии (рецензии) на проекти и реализации, пред сè од областа на градителското наследство, и
неколку урбанистички планови и проекти.
М. Токарев во континуитет зема активно учество и во работата на Асоцијацијата на Архитекти на Македонија, каде настапува во својство на: водач на стручно-научни трибини, со реферати, со проекти, а и како претседател на Комисијата за доделување на Борбина плакета за архитектурата(1989).
Во рамките на МНК ИКОМОС, тој најпрво е активен член на Извршниот одбор, а потоа претседател на Собранието (2002-2004).
Заради потребата од посеопфатна заштита на културно – историското наследство, М. Токарев активноста ја проширува и во областа на животната средина, при што станува основач и прв претседател на Движењето на екологистите на Македонија – ДЕМ (1990). Како активист на ДЕМ, тој раководи со организирање на голем број на трибини,стручно-научни семинари и симпозиуми од од областа на заштитата и унапредување на животната средина. Во тоа својство, тој се јавува и како уредник на стручно-научните зборници од симпозиумите за заштита на Дојранското, Охридското и Преспанското езеро.
НАГРАДИ :
За својата долгогодишна успешна стручно-научна и комплементарна активност, проф. д-р М. Токарев има добиено бројни признанија и награди, од кои може да се издвојат следниве:
Специјална награда на БИМАС 2001, за реставрација на Античкиот театар во Охрид,
Награда “Љубен Најденов” на Друштвото на архитектите на град Скопје за достигнувањата во областа на архитектурата (2000), како и
Меѓународната награда “Јан Херт ван Апелдорн”, за долгогодишен придонес во одржливиот развој (2001).
Награда за животно дело од областа на архитектурата и градителството “АНДРЕЈА ДАМЈАНОВ” (2013).