НАСТАВНА ДЕЈНОСТ

 

Arhitektonski Fakultet

По вработувањето на Архитектонскиот факултет во Скопје, М. Токарев од 1971 до 1981 год., има работено најпрво како асистент по групата предмети од историјата на архитектурата и уметноста, и тоа за периодите на Стариот, Средниот и Новиот век, како и за архитектурата во поранешната СФР Југославија, со посебен акцент на архитектурата во Македонија. Паралелно со таа комплексна предметна материја, тој работи и ги надградува своите знаења од групата предмети по заштита, реставрација и ревитализација на градителското наследство. Тогаш, на релацијата меѓу тие две групи предмети започнуваат да се движат и неговите стручни-научни истражувања, така што во таа област тој магистрира, хабилитира и докторира, а пишува и низа стручно-научни трудови.

Фотос на Архитектонскиот факултет Скопје
Arhitektonski Fakultet

Од 1981 год., како универзитетски наставник М. Токарев ги одржува предавањата по неколку предмети кои ја опфаќаат материјата по две групи дисциплини, и тоа: Архитектурата и уметноста на Новиот век, Модерната архитектура и уметност, Конзервација и реставрација на градителското наследство, Ревитализација на градителското наследство, како и Ревитализација на историските јадра.


М. Токарев, како професор во кабинетот во историја на архитектурата и заштитата на градителското наследство, со колешките и акад. К. Томовски, 2008 год.

Предметот Архитектурата и уметноста на Новиот век

Предметот Архитектурата и уметноста на Новиот век на студентите им се презентира низ два блока предавања. Во првиот блок студентите се запознаваат со архитектурата и уметноста на ренесансата и тоа: раната, високата и доцната ренесанса во Италија, како и нејзините одблесоци во останатите европски земји. (Период од почетокот на XV до крајот на XVI век).

Во вториот блок предавања студентите се запознаваат со архитектурата и уметноста на барокот, рококо, класицизмот, романтизмот и реализмот во европските земји и нејзините одблесоци на американскиот континент.

На таков начин, студентите се стекнуваат со знаења за препознавање на стилските периоди во развојот на архитектурата и уметноста преку делата на најзначајните творци од дотичниот период. На таков начин, тие можат да ја сфатат меѓузависноста во развојот на архитектурата и општеството, правилно да ги вреднуваат основните параметри на архитектурата и уметноста, како и да извлечат поуки за создавање на нови архитектонски и уметнички вредности.

Arhitektonski Fakultet Јубилејниот Зборник 50 години Архитектонски факултет

Предметот Модерна архитектура и уметност

Се состои од два блока предавања. Во првиот блок студентите се запознаваат со големите движења и мајстори на модерната архитектура и уметност, почнувајќи од крајот на XIX до крајот на XX век. Во периодот од првата половина на ХХ век се опфатени поглавјата: колебањата во архитектурата,пробивот на модерните концепции, главните поборници на модерната, големите движења и мајстори на модерната.

Во периодот од втората половина на ХХ век се опфатени поглавјата: главните движења и кризата на модерната, барањето нови патишта, доцномодерната и постмодерната архитектура со нејзината појава, развој и насоки.

Во вториот блок предавања студентите се запознаваат со достигнувањата на одделните земји во развојот на модерната архитектура со посебен акцент на мајсторите на архитектурата од втората половина на ХХ век. Освен европските земји кои дале најголем придонес во развојот на модерната, се офатени и другите земји како: САД, Латинска Америка, Јапонија и Австралија.

На таков начин, студентите се стекнуваат со знаења за препознавање на стилските периоди во развојот на архитектурата и уметноста преку делата на најзначајните творци од дотичниот период. Со тоа, тие се оспособени да ја сфатат меѓузависноста во развојот на архитектурата и општеството, правилно да ги вреднуваат основните параметри на архитектурата и да извлечат поуки за создавање на нови архитектонски вредности.

Продлабоченото познавање на М. Токарев на материјата од предходните два предмети резултира со издавање на четири книги, наменети како за студентите, така и за пошироката културна јавност, особено за архитектите (види: поглавје за публицистичка деност, книги).

Предметот Конзервација и реставрација на градителското наследство

На студентите им се презентира низ неколку блока предавања. Првиот блок опфаќа документирање и истражување на градителското наследство, и тоа: поим, значење и видови на градителско наследство; организација на заштитата; правна и физичка заштита.
Во продолжение се проучуваат:

  • Методите и системите за документирање и истражување на архитектонските објекти, целини, историски јадра и културни предели, каде се опфатени:

    • историско-библиографски, архивски, конструктивни, стилски и хронолошки истражувања,
    • теренски истражувања: визуелни, претпроектни откривки, сондирања и археолошки ископувања,
    • истражување на состојбата и причините за оштетување
    • композициски анализи, воспоставување на аналогии, цртачки реконструкции,
  • Валоризација на архитектонски објекти и историски целини – прелиминарна и научна

  • Категоризација

  • Воспоставување на режим за заштита на различни нивоа (архитектонски и урбанистички)

Во вториот блок предавања се изучуваат теоријата и методологијата на конзервацијата и реставрацијата, каде се опфатени:

  • Историски преглед на конзервација и реставрација,

  • теорија на конзервацијата и реставрацијата и нивните основни принципи,

  • методи на конзервација и реставрација.

На крај, студентите се запознаваат со технологијата на конзервацијата и реставарацијата, каде се опфатени:

  • причини за оштетување и пропаѓање (општествени и технички),

  • стари и нови технологии на конструкции,

  • патологија и лечење на материјали и конструкции: камен, тула, малтери, облоги, дрво, армиран бетон.

  • стабилност и методи на консолидација: санирање на темели и почва, зацврстување на ѕидови и ѕидани конструкции, објекти и конструкции од дрво, армиран бетон.

  • потекло и отстранување на влажноста од конструкциите,

  • посебни проблеми и техники за заштита од: вибрации, биолошки агенси, пожар, природни катастрофи, војни.

Сето тоа резултира со утврдување на соодветна методологија за изработка на проект за конзервација и реставрација, преку кој студентите ги применуваат стекнатите знаења од предходните блокови предавања и семинари.

Предметот Ревитализација на градителското наследство

Предметот Ревитализација на градителското наследство низ три блока предавања на студентите им нуди посебно знаење за местото и улогата на наследството во современиот живот. Најпрво студентите се запознаваат со: интегрираната заштита како поим, нејзините начела и политики, во административен, финансиски, социјален, образовен и самоодржлив поглед;

Стекнатите знаења за студентите претставуваат основа за изработка на План за ревитализација кој се презентира и става на дискусија пред сите студенти од генерацијата. На таков начин студентите се стекнуваат со теориски и практични знаења за примена на методите за ревитализација на поединечен објект или целина, со цел да се обезбеди нивна самоодржливост, како и да станат интегрален дел и елемент за идентификација на современите населби.

Предметот Ревитализација на историски јадра

Предметот претставува еден поширок архитектонско-урбанистички поглед врз проблемите, местото и улогата на градителското наследство во современиот живот на населбите. Решавањето на тие проблеми, М. Токарев особено го привлекува, така што неговите стручнонаучни трудови во таа област резултираат со одбрана на докторат во 1986 година.

Во рамките на тој предмет, материјата се презентира низ два дела составени од свои поглавја.

Првиот дел опфаќа:
  • Студија на постојната состојба, која содржи изработка на архитектонско-техничка документација и сите потребни анализи;

  • Валоризација и категоризација на наследството на сите нивоа, од Просторен план до Урбанистички проект;

  • Проучување на развојот и пропаѓањето на јадрото на сите нивоа, од Просторен план до Урбанистички проект.

Вториот дел опфаќа:
  • Програма за ревитализација, од донесување на стратегија и цел на планирањето, преку режим за заштита до општествена заснованост на Програмата;

  • Изградба на нова архитектура во историското јадро, од идентификација на многубројните проблеми до употребата на разновидните методи;

  • Изработка на планови за ревитализација на сите нивоа, од Просторен план до Урбанистички проект.

Тоа значи дека крајниот резултат на претходните предавања претставува цврста основа за изработка на План за ревитализација, како предлог на нов општествен документ за планирање и уредување на просторот, и тоа на сите нивоа: Просторен, Генерален и Детален урбанистички план, па сè до изработка на посебен Урбанистички проект за ревитализација на позначајните историски јадра и целини.

Преку изработката на Планот за ревитализација на ниво на ГУП или на ниво на ДУП, студентите практично ги применуваат стекнатите знаења од претходните предавања и семинари. Со презентацијата на Плановите изработени од одделните групи (3-5) студенти, со нив се запознаваат и дискутираат сите студенти од генерацијата.

[email protected]    

Prof.d-r M.Tokarev 2011