СТРУЧНО – НАУЧНИ ТРУДОВИ

 

Од поголемиот број стручнонаучни трудови и реферати на проф. д-р М. Токарев, посебно треба да се истакнат оние што се објавени во периодот од 1997-2006 година, а се однесуваат на: теоријата и историјата на архитектурата и урбанизмот, заштитата и ревитализацијата на градителското наследство и на животната средина.

  • Континуитетот и идентитетот на современата архитектура преку обликовно единство со наследената средина. Ментор акад. К. Томовски, Архитектонски факултет, Скопје, 1980 (магистратура)

    Магистерската теза „Континуитетот и идентитетот на современата архитектура - преку обликовното единство со наследената средина“ (1980) имаше за цел:

    • да ги испита можностите за решавање на контактите меѓу старото и новото во архитектурата, и

    • создавањето на обликовен идентитет на современата архитектура – преку континуитетот со наследените вредности.

    Базирајќи се на историско-генетичката метода, комбинирана со интервју и лични предлози, тезата се гради постепено. Во првиот дел се проучени наследените архитектонски вредности, со осврт на вредностите во Македонија, при што се извлекуваат поуки од минатото. Посебно е анализиран односот на современите правци кон наследените вредности – во светот и кај нас, со осврт на идеите на Постмодерната архитектура и современите регионални школи.

    Во вториот дел се проанализирани предусловите за создавање на континуитет во архитектурата, како и за создавање на позитивни контакти меѓу старото и новото. Во таа смисла, се направени напори за расчистување на меѓусебниот однос меѓу убавината и стилот во архитектурата, како и меѓу добрата архитектура и архитектонскиот простор.

    Влијанието на општествените услови врз создавањето на архитектонскиот идентитет и националната афирмација преку архитектурата, имаат посебно место.

    Во урбанистичко-архитектонските предуслови за создавање на позитивни контакти се обработени:

    • лоцирање на проблемот и зачувување духот на местото (genius loci),

    • урбанистичката категорија на контактот,

    • просторно-волуменски однос и второстепена пластика,

    • конструктивен систем, материјал, боја и

    • „стилски“ карактеристики.

    Во третиот дел се испитани можностите за материјализација на контактите и за создавање на современ регионализам. Во тој процес, врз основа на теориско-практичното проучување се јавуваат можности за избор на една од методите за контакт:

    заштитни појаси, факсимил, копија, имитација, адаптација, контраст, нагласување, рефлексија и инвенција.

    Ценејќи го придонесот на позитивно решените контакти (особено методата на инвенција) за воспоставување на архитектонски идентитет, испитани се возможностите за егзистирање на современа регионална архитектонска школа во Македонија.

    Интегрален дел на научната анализа, претставуваат авторските фото-прилози и систематски одбраната фото-документација од литературата.

    Превземете ја содржината (PDF 48.7 MB)

  • Изразот на современата архитектура во Македонија и традицијата, Архитектонски факултет, Скопје, 1981 (хабилитација)

    Во хабилитациониот труд „Изразот на современата архитектура во Македонија и традицијата“ (1981), анализата на состојбата во со времената архитектура е правена од аспект на нејзиниот однос кон традицијата, при што се нагласуваат позитивните и негативните особини на тој однос и се дадени корисни предлози за идното решавање на проблемот. Ставањето на традиционалните вредности на едната страна од вагата, а современите вредности на другата, овозможува нивно директно соочување. При таквото соочување, често пати вагата натежнуваше кон тасот на традиционалните вредности. Ова натежнување изнуди продлабочено проучување на директните врски меѓу корените на современата архитектура и плодната почва на традицијата. Тоа особено е важно денес (1981), во времето на Пост-модерната архитектура, кога се јавуваат видливи колебања во поглед на идниот архитектонски израз.

    Денешниот архитектонски момент бара да се одлучиме за континуитет или дисконтинуитет со традицијата. При тоа во голема мера може да на помогне, освен познавањето на традиционалните вредности, и познавањето на современата архитектонска теорија, особено органската теорија, која што е многу блиска до архитектонската филозофија на народниот мајстор. Запознавањето со улогата на органската теорија и на општествените односи во архитектонското творештво, води кон заклучок дека архитектурата во секој момент треба да има свој идентитет, задржувајќи го континуитетот со традицијата на своето поднебје.

    При создавањето на архитектонскиот израз, освен традицијата, поднебјето и современите достигнувања, видна улога играат и националните особености. Нивната материјализација преку архитектонскиот израз пожелно е да се потенцира само до оној степен, што го изразува богатството на националниот феномен кај нас. Секое пренагласување на националните особини може да доведе до национален романтизам во архитектурата, па и до потешки деформации, кои го карактеризираат еклектицизмот во архитектурата. (П.С. Оваа мисла звучи пророчки во однос на она што ќе се случува 30-тина години подоцна со т.н. проект „Скопје 2014“).

    Посебно внимание е свртено кон улогата на традицијата и регионот во создавањето на некои правци од Пост-модерната архитектура. Тоа особено е значајно при создавањето на т.н правец Нео-регионализам, кој што во последно време игра сè поголема улога и во новата архитектура во Македонија, која почнува да се конституира како посебна современа регионална архитектонска школа. Таа школа, здобивајќи се со свои типични карактеристики почнува да прераснува во нова и самосвесна традиција. Квалитетите на таа „нова“ традиција се потврдуваат во директното соочување со квалитетите на „старата“ традиција. При таквото соочување, вагата не само што веќе не натежнува кон тасот на традиционалните вредности, туку има изгледи наскоро да натежне кон вредностите на „новата традиција“.

    Сите тие согледувања дават надеж дека развивањето на сегашните позитивни тенденции може да продолжи и понатаму. Така би се исполниле условите за создавање на целосна синтеза меѓу континуитетот и идентитетот на просторот. За да се постигне тоа, би требало да се работи врз понатамошната организација и развивање на архитектонската мисла и практика. На тој начин, досегашните индивидуални настојувања би се обединиле во заедничко архитектонско движење, со силна теорискоидеолошка база. Кон .IDтаа синтеза беа насочени моите напори во разработката на материјава, надевајќи се дека ќе го дадам својот придонес во разрешувањето на дилемите. За мене претставува големо задоволство тоа што барем правилно сум ги поставил дилемите. Со нивното решавање би се овозможило обликувањето на нашиот населен простор да стане вистинска експресија на домашните општествени и природни услови, при што новосоздадениот простор би останал во корелација со наследените вредности и со актуелните светски достигнувања.

  • Архитектонско – урбанистичките проблеми во ревитализацијата на историските јадра. Ментор акад. К. Томовски, Архитектонски факултет, Скопје, 1986 (докторат)

    Докторската дисертација „Архитектонско-урбанистичките проблеми во ревитализацијата на историските јадра“ (1986) имаше за цел да предложи поставување на општа методологија за ревитализација на историските јадра. Поставувањето на методологијата се врши низ анализата на карактеристичните примери од Македонија, а во недостиг на соодветен пример се одбира карактеристично историско јадро од друга средина.

    Истражувањето се базира на историско-генетичкиот и аналитичко-синтетичкиот пристап во работењето, комбиниран со интервју и лични предлози. На тој начин постепено се гради трудот, кој е поделен на два дела: студиско-аналитички и проекционо-синтетички.

    Во првиот дел на трудот се предлагаат начини за најквалитетна изработка на студијата на постојната состојба на историското јадро, неговата валоризација и категоризација, како и проучувањето на неговиот развој и пропаѓање.

    Во студијата на постојната состојба методолошки и тематски се средени сите нејзини сегменти кои се откриени во досегашната теорија и практика. Со научната анализа се докажува неопходноста од воведување на нови елементи кои квалитетно ја збогатуваат студијата, како во поглед на инвентаризацијата на градителското наследство, така и во поглед на неговата сеопфатна анализа. Анализата на секој сегмент завршува со коментар на конкретната состојба во историските јадра во Македонија.

    Валоризацијата и категоризацијата на градителското наследство се предлага да се прави во рамките на следните три нивои: просторен план, генерален и детален урбанистички план. За секое од тие нивои се обработуваат проблемите кои се предмет на валоризацијата и категоризацијата, при што се донесуваат предлози за нивни современи решенија според потребата за комплексна валоризација и категоризација. Во комплетирањето на ставовите, вклучени се најсовремените теориски сознанија, најсвежите практични примери, како и соодветните општествени определби на конкретната средина. Досегашната валоризација и категоризација на градителското наследство кај нас, како и предлозите за понатамошно работење завземаат посебно место на крај од секој анализиран сегмент.

    Развојот и пропаѓањето на јадрата се проучува низ спомнатите три нивои, при што во секое ниво се откриваат оние специфичности, кои играат битна улога за понатамошната егзистенција на историските јадра. Притоа, основното внимание е посветено на архитектонско-урбанистичката структура во историското јадро, без да се запостават и останатите компоненти.

    Развојот на историските јадра кај нас, како и причините за нивно пропаѓање досега не се доволно проучени, па затоа се предлагаат начини за ефикасно завршување на таа задача. Причините за досегашното пропаѓање како и актуелните проблеми на историските јадра се проучуваат во светлото на нивната улога во денешниот и идниот организам на населбата.

    Во вториот дел на трудот се донесува проекција за развојот на историските јадра, при што се синтетизираат сите претходни аналитички проучувања.

    Во програмата за ревиталзација се определуваат следните битни елементи за развојот на јадрото:

    • стратегија и цел на развојот,

    • режим за заштита на градителското наследство,

    • програмска намена на просторот и објектите,

    • концепт на сообраќајот и отворените простори од конзерваторски аспект,

    • концепт за етапна реализација, како и

    • правно-економска и општествена заснованост на ревитализацијата.

    Предлозите за комплетирање на програмата се во согласност со претходно докажаните вредносни категории на историското јадро.

    Новата архитектура во историското јадро претставува интегрален дел, како на програмата, така и на планот за ревитализација. Поради нејзината значајна улога во денешната структура на историските јадра, таа заслужува посебно внимание и затоа се проучува како засебна целина. Најнапред се идентификуваат и лоцираат проблемите на контактот помеѓу старата и новата архитектура, а потоа се откриваат следните услови за постигнување на позитивен контакт:

    • повикот на локацијата и духот на местото,

    • елементите на урбаната категорија на контактот,

    • архитектонско-урбанистичките карактеристики.

    Задоволувањето на тие услови може да настане со помош на откриените методи на контакт, при што се истакнуваат широките можности на методата на инвенција.

    Планот за ревитализација претставува нов поим чие воведување се предлага како резултат на проучувањата во рамките на трудов. Тој би претставувал нов до-кумент од општествено значење, кој би го заменувал соодветниот урбанистички план за заштитените просторни единици или за единиците кои располагаат со поголем број на објекти од градителското наследство.

    Изработка на секторска студија за градителското наследство се утврдува во рамките на соодветниот урбанистички план за населбите кои не располагаат со заштитени просторни единици или компактни јадра со градителско наследство. За различните нивои на програмирањето и планирањето се предлага содржина на соодветната секторска студија.

    Во колку се почитува утврдената методолошка постапка и се обработат сите нејзини сегменти, постои реална можност за избегнување на констатираните негативности во зачувувањето и ревитализацијата на историските јадра кај нас. На тој начин, може да биде зачуван континуитетот во развојот на нашиот населен простор можат да бидат создадени услови за негов идентитет преку паралелно постоење на старото и новото.

    Превземете ја содржината (PDF 65 MB)

  • Реанимација – деконтекстуализација, враќање на животот во екстензивните региони на Балканскиот Полуостров. Меѓународна Академија на архитектурата, во рамките на Конференцијата на ООН Хабитат II – Дијалози за XXI век. Истанбул, 1996 (со К. Грчев)

    Досегашното разгледување на различните контексти, размислувања и стратегии, како и воспоставувањето на механизмите за откривање на интерактивни врски во соз-давањето на сосема новата филозофија на живеење, наведува на одредени заклучоци кои во иднина ќе ги дефинират основните ставови на кои ќе почива организацијата на идните екополиси :

    • Екополисот да се сфати како организам структуриран од одреден број на основни единици за кои важат идентични патраметри - промена на досегашните сфаќања за интеракцијата село-град, како и за мешањето на градско-селските функции; сфаќање на екополисот како поим кој ќе постави нова религија - нова естетска и социјално-економска формација која ќе го врати единството на просторот и единството во чувството на припаѓање кон него,

    • Спротивставувајќи се на ретроградниот концепт на мегалополисот, екополисот во себе вградува повеќе вредносни слоеви, во кои своето место го завземаат и сите растителни и животински видови сочинувајќи ја комплексната самоодржлива проширена заедница на иднината,

    • Социјалниот и економскиот развој треба да влијаат на измена на структурата на сопственичките права,

    • Социјалните и културните вредности треба да се поистоветат по своето значење, поништувајки ги повластиците на досегашните “центри”.

    Во услови на целосна криза на животната средина и природните ресурси, неопходно е да се дефинира самоодржива заедница, која ќе ги обедини во себе: традиционалниот контекст како модел кој носи одредени вредносни категории, и технолошкиот концепт, кој во наведените услови ќе го овозможи функционирањето на сите животни системи. Ова обединување го содржи основното програмско барање: обезбедување на целосно кружење на материјата со тотална рециклирање без остатоци. Оттука произлегува и потребата од разрешување на основната дилема:

    Дали тоа би значело подобрување на постојните традиционални модели (кои обезбедуваат безбедно навраќање кон природата и искористување на нејзините придобивки), или пак целосно бришење на традиционалните системи и воспоставување на нови модалитети вградени во сосема различни околности? Притоа, верувајќи дека новата цивилизација може да се развие до ниво на високотехнологизирана свест, која пред себе ќе постави барања за кои сега е невозможно и да се претпостават. Сепак, голема е веројатноста дека разрешувањето на таа дилема, цивилизацијата ќе мора да ја направи во блиска иднина.

    Иднината на планетата наметнува една теза, која можеби донеодамна звучеше утопистички, но знаејки ја состојбата со ресурсите и со глобалната еколошка состојба, мораме да заклучиме, дека човечкиот род, ќе мора да ги разбуди примарните инстинкти на самоодржување и да почне да се однесува како загрозен вид, со што ќе се врати на своите митски архетипски праизворишта. Таму ќе нема место за верски, национални, локални, политички, економски и други интереси. Во ситуација кога на планетарен план ќе биде загрозен животот воопшто, иднината на планетата и на цивилизацијата ќе зависи од односот на луѓето кон неа и тој однос ќе мора од корен да се промени, менувајќи ги сите досега воспоставени цивилизациски морални кодекси на однесување и размислување.

    Како ќе се достигне тоа ниво, веројатно не може да се одгатне однапред, но, доволно е сознанието за неопходната логика за развојните линии на човечката цивилизација и последиците, кои ќе мора на глобален план да ги поднесеме сите ние и генерациите кои доаѓаат по нас.

  • Оптималната форма на историскиот објект согласно со неговата вредност – методолошки и практични аспекти. Меѓународна конференција Студии на старите структури, Технички универзитет Јилдиз, Истанбул, 1997

    Во процесот на реставрација се наметнува потребата од разрешување на некои основни методолошки проблеми, како што се: определување на основните компоненти на реставрацијата и дефинирање компонентите на општествената вредност на историскиот објект. Со понатамошното истражување на објектот треба да се утврди неговата оптимална форма, бидејќи следува воспоставување рамнотежа меѓу историските вредности и потребата за негова идна соодветна улога.

    Со помош на продлабочено истражување, процесот на реставрација авторот го претставува во вид на тристрана пирамида, чии страни ги содржат компонентите: културно, уметничко и историско значење на објектот, додека рабовите на пирамидата претставуваат негово: зајакнување, ревитализација и презентација.

    Општественото значење на објектот авторот го претставува во вид на четиристрана пирамида, на чии ќошиња се наоѓаат вредносните компоненти: автентичност, сведоштво, репрезентативност и збир на уметнички вредности. Притоа, тој ја дефинира нивната меѓузависност, како по периметарот, така и по дијагоналите.

    Утврдените приоритети на општественото значење, заедно со направените ана-лизи на формата, композицијата и идната намена на објектот, водат кон воспоставување на следнава оперативна равенка.

    Орп = По + Ос – Тс ± Нс + Дп

    • Орп - Оптимална архитектонско-уметничка форма на реставрираниот и прилагодениот споменик за нова соодветна намена

    • По - Првобитен облик на архитектонскиот споменик, добиен како резултат на продлабочени истражувања

    • Ос - Органски слоеви наталожени врз споменикот во тек на историјата

    • Тс - Туѓи слоеви, кои не припаѓаат на архитектонско-уметничката целина

    • Нс - Неутрални слоеви, кои не влијаат на обликот на споменикот, но можат да противречат на планираната нова намена

    • Дп - Дополнувања поврзани со прилагодувањето на споменикот за нова намена Равенката покажува дека реставрацијата и адаптацијата на споменикот вклучува:

    Равенката покажува дека реставрацијата и адаптацијата на споменикот вклучува: историско-архитектонски анализи, испитување на можностите за сместување на нова соодветна содржина, реставрација на споменикот, негова адаптација, доградба или надградба, како и уредување на непосредната околина. Целиот овој процес има комплексен и нераздвоен карактер.

  • Интеграција на старото и новото во центарот во Скопје – потреби и можност. Симпозиум Скопје на преминот на вековите, МАНУ, Скопје 1997

    Познато е дека старите градски центри, најчесто претставуваат културно-ис-ториски јадра на денешните населби. Нивното пропаѓање е предизвикано од најразлични причини, кои можат да се сврстат во следните две основни групи:

    • техничка група, во која спаѓаат географско-климатските, геолошко-сеизмичките, архитектонско-градежните и слично,

    • општествена група, во која спаѓаат историско-миграциските, општествено-економските, воено-политичките и сл.

    Од тоа може да се заклучи дека пропаѓањето на градителското наследство во Старата скопска чаршија било предизвикано од неповолната комбинација на причини од технички и општествен карактер. Имено, кон уништувањето на градот од земјотресот, веднаш се надоврзаа лошите општествени услови, механичкиот прилив на население и засилената изградба, која набргу излезе од општествената контрола. Силната индустријализација, урбанизација и демографска експанзија имаа особено негативен одраз врз егзистенцијата на старото градско јадро.

    Современата урбанизација, трудејќи се да создаде програмирана модерна населба во своите развојни програми, само формално ги вклучуваше културно-историските градителскси вредности. Градското јадро не беше на ефикасен начин вклучено во современиот живот на населбата, поради што се предизвика негово забрзано пропаѓање.

    Поради недостигот на соодветно широко културно и стручно-научно поднебје, со задоцнување се појавија тенденциите за создавање методолошки приод за интегрална заштита на градителското наследство и негово активно вклучување во урбанистичкото планирање на различни нивои.

    Перспективите за заштита на преостанатото градителско наследство, од ден на ден би требало да се поголеми, но сеуште се присутни тешкотии од културна, функционална, материјална и методолошка природа.

    Од изнесеното во рефератот може да се заклучи дека Скопје, не ги искористи на најдобар начин можностите за создавање креативна интеграција на старото и новото во градското јадро, а со тоа го наруши континуитетот во развојот на просторот и не создаде архитектура со специфичен идентитет. Таквиот однос на досегашните генерации е исправен пред судот на честа на почетокот на XXI век. Проблемите што им ги оставаме во наследство на идните генерации се големи, така што тие ќе треба да вложат голем креативен труд и знаење, за барем мал дел од досега направените грешки да се отстранат и да се создаде сопствен архитектонско-урбанистички пат, не кинејќи ги врските со корените на минатото.

  • Архитектонско – урбанистички континуитет и идентитет на Скопје во периодот 1963-97. Симпозиум Скопје на преминот на вековите, МАНУ, Скопје 1997

    Во круговите на архитетконската и воопшто културната јавност на нашиов главен град и нашава земја, со години наназад се поставува прашањето дали и во колкава мера Скопје го има сочувано својот карактер?

    За да се одговори на тоа прашање, досега не е направена некоја посебна стручно-научна студија, но и без неа, за упатените не претставува особена тешкотија да ги изнајдат одговорите на основните прашања. Патиштата за изнаоѓање на одговорите, зависно од авторот, можат да бидат различни. По мое мислење, кој било сериозен истражвач, на патот кон бараните одговори, неизоставно треба да ги помине следниве основни етапи:

    • дефинирање на потребата и значењето од зачувување на архитектонско-урбанистичкиот континуитет и идентитет,

    • дефинирање на архитектонско-урбанистичкото значење на изгубеното гради-телско наследство во земјотресот и по него,

    • испитување на постапките во поземјотресната изградба, од аспект на можните предуслови за зачувување на континуитетот и идентитетот на населбата,

    • извлекување на поуки од досегашното искуство, заради осознавање на тоа што и како требаше да сториме за да не жалиме за пропуштените можности?

    Одејќи по наведениот пат, со голема доза на сигурност може да се дефинира сегашниот карактер на населбата и може да се завземат посигурни ставови за нашите можни постапки во идната урбанизација, или можеби дезурбанизација на градот.

    Во моево кратко иницијално стручно-научно излагање, основното внимание е насочено кон обликовните карактеристики на континуитетот и идентитетот. Притоа, разбирливо е дека, неизбежно ќе бидат допрени и останатите области со кои се поврзани обликовните карактеристики.

    Во рамките на рефератот се опфатени следниве поглавја и поднаслови:

    • Потребата од зачувување на архитектонско-урбанистичкиот континуитет и идентитет

      • Општествено-економските услови и карактерот на населбата

      • Просторен континуитет и идентитет на населбата

      • Дали има во Скопје добра архитектура и добар архитектонски простор

    • Изгубеното градителско наследство во земјотресот и по него

    • Постапката за создавање на архитектонско-урбанистички континуитет и идентитет

    • Методи за создавање на континуитет и идентитет на населениот простор.

    На крајот, би сакал да истакнам дека, значењето на правилно воспоставениот контакт меѓу старото и новото, излегува и надвор од историските јадра и зрачи кон новоградските делови, незапирливо ширејќи се во дадениот регион. Тоа придонесува кон повторно откривање на заборавените традиционални квалитети, нивно развивање и создавање на вистински трајни вредности. Таквиот однос кон минатото, според S. Giedion (Време, простор, архитектура, стр.50), претставува предуслов за постанок на нова самосвесна традиција, која подоцна во 60-тите години е наречена современ регионализам.

    Убеден сум, дека на таков начин се создава можност за повторно воспоставување на прекинатиот континуитет во развојот на нашите населби, а истовремено може да се создаде и збогати еден специфичен архитектонски идентитет во одделни региони на нашава земја.

  • Нова архитектура во историските градови. Меѓународна конференција Обнова на историските градови, Елблонг, ИКОМОС-Полска, 1998

    Во рамките на рефератот се нагласува потребата од истражување на можностите за изнаоѓање современи решенија, кои ги вклучуваат видливите проблеми меѓу старата и новата архитектура во историските јадра. Во тој контекст се анализираат предусловите за создавање позитивен контакт во допирот меѓу старото и новото како и во рамките на просторот со културно-историски творештва.

    За да се создадат позитивни контакти меѓу старото и новото на архитектонско и урбанистичко ниво се елаборираат следниве аспекти:

    • зоните на контакт меѓу старото и новото,

    • повикот на локацијата и духот на местото,

    • урбаната категорија на контактот, и

    • архитектонското ниво на контактот.

    По продлабочената анализа на теориските аспекти и практичните примери, се констатирани следниве методи за односот на новата архитектура кон историското наследство: заштитни зони, факсимил, адаптација, контраст и нагласување, рефлексија и инвенција. Меѓу нив, авторот ја претпочита методата на инвенција, поради нејзината сеопфатност и ја дефинира како: инспирација од старите вредности и нивна современа интерпретација според принципот на аналогија или асоцијација. Дали новата архитектура ќе воспостави аналошки или асоцијативни врски со околните вредни стари објекти, зависи од изборот и креативноста на авторот.

  • Стилските карактеристики на архитектурата на Андреја Дамјанов на релацијата исток-запад. Маѓународен симпозиум Делото на протомајсторот Андреја Дамјанов МАНУ, 1992

    Градителската активност на мајсторската тајфа Рензовски – Дамјанови, започнува во времето кога строгиот неокласицизам веќе ги беше преплавил западноевропските престолнини и се беше вгнездил дури и во далечниот Санкт Петербург. Нео-класицизмот го претпочитаа и средновековните монархии, Германија и Автроунгарија, преку кои тој направи извесни рефлексии и на Балканскиот полуостров, особено во неговиот северен дел. Меѓутоа, неокласицизмот во тие краеви пристигна со задоцнување и не доживеа прочистени интерпретации, туку тој се јавува во спој со некој друг романтичен стил, а најчесто со необарокот.

    Карактеристично е тоа, што романтизмот во архитектурата на севернобалканските краеви се појавува речиси истовремено со оној во западноевропските и има многу слични претензии. Тој бара инспирација од христијанството и неговата уметност во национален дух и не се однесува на некој одреден стил, туку на едно одредено сваќање, кое може да се изрази на разновиден начин.

    И преку архитектурата на Рензовски – Дамјанови се докажува дека романтизмот всушност претставува обнова или повторно откривање и примена на дотогаш запоставените облици, чиј број практично е неограничен. И нивната ослободена творечка имагинација, слично како и кај останатите европски мајстори, придонесува често пати врз ист објект да бидат применети по 2-3 стила истовремено.

    Во овој труд се прави компаративно согледување на архитектонското творештво на браќата Дамјанови, во споредба со главните романтичарски тенденции во европската архитектура на XIX век, при што се изведува заклучок дека меѓу нив пос-тои совпаѓање во творечките методи, изразените претензии и поставените цели.

    Со подетална елаборација се констатира дека творештвото на Дамјанови произлегува и се гради врз темелите на македонската архитектонска школа, која има специфични карактеристики по однос на содржината, формата и конструкцијата. Сето тоа е поткрепено и со направените анализи на истакнати меѓународни истражувачи во таа област. Воспоставениот систем на градење од таа школа, на специфичен начин се рефлектира врз изградбата на цркви, создавани според заеднички принципи во поголем број објекти, што јасно упатува на дефинирана архитектонска школа.

    Користејќи ги поуките од домашната архитектонска традиција, Дамјанови нив ги трансформираат за задоволување на актуелните социо-функционални потреби и вкусови и согласно техничко-економските можности на епохата. При тоа, тие селективно ги прифаќаат елементите на западноевропската романтичарска архитектура и нив на уметнички начин ги вградуваат во својата трансформирана традиционална архитектура од византиско потекло, создавајќи оригинална урамнотеженост на композицијата. На таков начин, Дамјанови стануваат значајни претставници на најпознатата балканска градителска школа на XIX век, македонската.

    Низ анализата на бројни изградени објекти се докажува тезата дека со својата творечка постапка, Дамјанови воспоставуваат и посебен стил во областа на црковната архитектура. Тој стил добива извесни варијации, кога тие објекти ги градат во областите северно од Македонија, задоволувајќи ги тамошните потреби и вкусови. На таков начин нивното творештво се дефинира и како културна врска меѓу народите.

  • Методолошки и практични аспекти за заштита и ревитализација на градителското наследство на урбанистичко и архитектонско ниво. Семинар за санација и зајакнување на објекти оштетени од земјотрес, Битола, 1994

  • Традиционалната архитектура-предизвик за создавање на современ регионален израз. Јубилеен зборник на Архитектонскиот факултет (1949-99)

    Уште во XIX век, расправајќи за вредностите на уметноста (вклучувајќи ја и архитектурата), филозофот Џон Раскин има запишано дека условите во развитокот на архитектурата се менувале, „но еден услов е постојан, едно барање е видливо на сите места и во сите времиња, а тоа е дека делото мора да припаѓа на некоја школа, и дека никаков индивидуален каприц неможе да помине“ (Džon Raskin. Vrednosti, стр.70).

    Овој став на Џон Раскин може да се потврди дури и со примери од периодот на т.н. ортодоксен функционализам или пак, од времето на интернационалниот стил на модерната. И самиот Ле Корбизјè, за кого се тврди дека целосно има раскинато со традицијата, во своите најзрели творечки години се навраќа кон неа, залагајќи се за „аналитичко набљудување на наследената архитектура, во зависност од енвирон-менталните услови, со што новите решенија можат да бидат искрени и јасни како народните“ (D. Grabrijan i J. Neidhard. Arhitektura Bosne i put u suvremeno, стр. 7).

    Наведената размисла на Ле Корбизјè укажува на потребата од складното поврзување на духот на новото време со наследените вредности, што само по себе може да доведе до нео-регионализам во архитектурата, но позитивно сватен. Освен во поедини случаи, таквата поволна можност модерната архитектура во времето на интернационалниот стил не знаеше да ја искористи. Познато е дека најголем успех во таа насока постигнаа земјите од Скандинавија, Бразил и Јапонија, што им овозможи од тогашни архитектонски провинции да се најдат во центарот на светското внимание.

    Исто така, модерната архитектура во наведениот период на повоената обнова, сè до 60-тите години не беше во состојба да ги искористи поуките од нашата градителска традиција. Познато е дека нашиот народен гениј не подлегнал на туѓите влијанија, било ориентални, било западно-европски. Надворешните влијанија тој знаел да ги асимилира и креативно да ги преобрази за свои потреби и да ги доведе до согласност со поднебјето. На таков начин создадената архитектура може да се каже дека добива карактер на регионално творештво со одделни национални белези

    Поставувајќи си за цел да изнајде возможни одговори на поставениот предизвик, авторот во презентирање на рефератот ги елаборира следниве поглавја:

    • Континуитет или дисконтинуитет,

    • Улогата на органскиот поредок,

    • Улогата на општествените услови,

    • Автентичноста на архитектурата и нацијата,

    • Улогата на регионот,

    • Регионализмот во македонија, како нова самосвесна традиција,

    • Новата и старата традиција.

  • Заштитата, реставрацијата и ревитализацијата на градителското наследство во Р. Македонија – висок стручен и морален чин. Јубилеен зборник на Архитектонскиот факултет (1949-99)

    Одамна е познато дека високо развиените културни средини имаат заклучено дека градителското наследство претставува најголем материјален доказ за опстојувањето и развојот на еден народ и неговата култура на одредено подрачје, во одреден временски период. Едноставно речено, градителското наследство претставува „историја запишана во камен“. И денес, на прагот на новиот миленум преовладува констатацијата дека градителското наследство (архитектурата и населбата) претставува значаен елемент на човековата идентификација.

    „Уште од дамни времиња, човекот има забележано дека различните места имаат и различни карактери. Карактерот може да биде толку изразен, што всушност ги одредува сите основни облици на нашата околина, придонесувајќи со тоа мнозинството луѓе кои живеат тука, да чувствуваат дека му припаѓаат на истото место. Имало и такви случаи кога geniys loci се покажал толку силен, што можел да доминира со политичките, социјалните и културните промени (K. N. Šulc. Egzistencija, prostor, arhitektura, стр. 7).

    Во разработката на рефератот авторот дава придонес во подигањето на стручната и јавната свест за заштита на културното наследство, при што ги елаборира следниве поглавја:

    • Почетни напори за организирана заштита на градителското наследство во Република Македонија,

    • Развој на заштитата на градителското наследство во Република Македонија,

    • Општествената свест за заштита на културното наследство,

    • Управување со градителското наследство,

    • Заштита на градителското наследство како висок стручно-морален чин,

    • Придонесот на архитектонскиот факултет во развојот на заштитата на градителското наследство,

  • Одржливиот систем на населби во балканските земји. Враќање на животот во екстензивните региони на Балканскиот Полуостров. Меѓународен симпозиум Еколошки менаџмент и одржлив развој на Балканот, B. EN. A. Превеза, Грција, 2000 (доработка и објавување на рефератот изнесен на конференцијата на ООН Хабитат, Истанбул, 1996
  • Фолклорната архитектура и традиционалните живеалишта – поуки за иднината. Институт за национален фолклор „Марко Цепенков“, Скопје, Зборник бр.55, 2000 (со К. Грчев)

    Познато е дека во текот на XX век, демографскиот развој на Балканот е нагласено диспропорционален. На локално ниво тој феномен се рефлектира на релацијата село-град, што резултира со уназадување на земјоделските региони. Решавањето на тој нагласен проблем бара да се создадат соодветни социо-економски односи, преку воспоставување на рамнотежа меѓу социјалниот и културниот метаболизам. За постигнување на таа цел може многу да се научи од минатото и традицијата. Тогаш локалната и регионалната мрежа на населби веќе е воспоставена во вид на одржлива пирамида на населби, во која посакуваните идеали на еден вид Екополис веќе се остварени.

    Дефинирањето и споредувањето на традиционалниот и современиот концепт во просторната организација директно се поврзани со поуките од рационалното планирање како и со новите форми на одржливи заедници, за чија егзистенција се потребни соодветни нови технолошки дострели.

    На глобално ниво, посебно на Балканот, потребно е да се донесат одлуки значајни за XXI век, со цел да се добијат одговори на следниве прашања:

    • Дали може да си дозволиме прераснување на локалните центри во градови, а на сегашните градови во регионални центри, без притоа да настанат значајни последици по животната средина?

    • Дали може да ги сочуваме сегашните специфичности на селата и на околината на градовите, а притоа да се одбегне создавање на социо-економски и еколошки проблеми?, и

    • Дали може да создадеме широка мрежа на мали еколошки населби, и како да го обезбедиме нивниот развој во рамките на комплексната организација на населби, која би наликувала на еден вид динамична органска структура, слична на човечката?

  • Ревитализација на Старата скопска чаршија. Меѓународна конференција Студии на старите структури, Технички универзитет Јилдиз, Истанбул, 2001

    За потребите на урбанистичкото планирање на Старата скопска чаршија, изработена е продлабочена студија за нејзиното архитектонско наследство. Констатирани се условите за развој на Чаршијата, како и причините за нејзиното пропаѓање. Извршена е комплексна инвентаризација и анализа на архитектонското наследство, врз основа на што е направена негова валоризација и е предложен режим за негова заштита. Таквата постапка овозможи да се направат соодветни насоки за урбанистичко планирање, во кое наследството го добива своето заслужено место.

    Со оваа Студија на Чаршијата се потврдува тезата дека архитектонското наследство периодично треба повторно да се проучува, да се ревалоризира и да се става под нов соодветен третман во рамките на современиот град. Притоа се констатира дека некои вредности на наследството се намалени, некои исчезнале, но се појавуваат и некои нови квалитети. Сето тоа треба да претставува еден од битните услови за квалитетно урбанистичко планирање и архитектонско проектирање.

    Низ примерот на Чаршијата се покажа дека за интегрална заштита и ревитализација на наследството, потребна е тесна соработка меѓу архитект-конзерватор (кој има разбирање за современите потреби на градот) и архитект-урбанист (кој има почит кон културно-историските вредности). Таквата соработка на примерот на Ста-рата скопска чаршија во 1997/98 год. се покажа плодотворна.

  • Насоки и препораки за интегрална заштита на недвижното културно наследство. Проект Правен систем во областа на културното наследство, експертска студија. Министерство за култура, Скопје, 2001

    Општо познато е дека недвижното културно-историско наследство претставува еден вид историја запишана во камен и најголем материјален доказ за опстојувањето на еден народ во определено време и простор. Народите кои своевремено го сфатиле значението на тоа наследство и навремено превзеле соодветни мерки за негова заштита, речиси никогаш немаат проблеми со нивната идентификација и меѓународна афирмација. Народот, кој во светскиот мозаик на културно-историското наследство има вградено свои автентични камчиња, секогаш претставува почитувана членка на светската заедница на народите. Колку побргу се постигне тоа, толку помали се опасностите од туѓи присвојувања на она, што било со векови сопственост на друг народ.

    Основната цел на овој труд е да направи стручно-научен пресек и да даде насоки за зајакнување на врските по вертикала и хоризонтала во посакуваниот систем за интегрална заштита на недвижното културно-историско наследство. Методологијата која е изложена во овој труд, треба да претставува значаен дел од основата за имплементација и следење на интегралната заштита на наследството. Тоа би требало да резултира со воведување современи методи за управување со процесот на интегралната заштита, преку давање препораки за:

    • воспоставување современ правен систем во областа на заштитата,

    • рационално поврзување на учесниците (субјектите) во процесот на заштитата, и

    • отворање долгорочен рационален процес во заштитата на недвижното културно-историско наследство.

    Освен нагласените културни и историски својства, мора да се нагласи дека недвижното наследство има и голема материјална вредност. Светските искуства покажуваат дека на пример, заштитата и ревитализацијата на историските целини во населбите се реализираат со 2/3 од средствата, кои би се потрошиле за евентуална нова изградба. Исто така, со ревитализацијата истовремено се заштитуваат непроценливи културно-историски вредности, при што се зачувува и духот на местото. А, познато е дека, токму преку духот на местото се идентификуваат граѓаните дека му припаѓаат на одредено место и на одредена општествена заедница. Духот на некои историски места понекогаш има толку силно влијание врз општествената свест, што игра пресудна улога во насочувањето на општествено-политичките настани.

    Економското значење на културно-историските објекти доаѓа во прв план, кога тие се изложени на масовна туристичка или потрошувачка посета, додека соци0јалниот аспект доаѓа во прв план кога се работи за објекти со поголема историска вредност. Различните параметри и нивната улога во вреднувањето на наследството посебно се анализирани во рамките на овој труд.

    Основната девиза, под која треба да се одвива заштитата на недвижното културно-историско наследство е: „Реставрирај за да ревитализираш, чувајќи и штедејќи“. Таквиот активен пристап е единствената исправна основа за интегрална заштита, која ќе го овозможи вклучувањето на наследството во современиот живот, паралелно со негово максимално заштитување.

    За да се дојде до конкретни насоки и препораки за создавање ефикасен систем во заштитата на наследството, во рамките на овој труд се направени следните претходни чекори:

    • Анализа и изготвување поуки од досегашното искуство во интегралната заштита кај нас, во споредба со некои примери од странство;

    • Разработка на ефикасна стручно-научна постапка за имплементација и следење на интегралната заштита на наследството со негово студирање и валоризирање;

    • Програмирање на заштитата и ревитализацијата; и

    • Планирање и проектирање на заштитата и ревитализацијата на недвижното културно-историско наследство.

    Во рамките на овој труд, проблемот на студирањето, програмирањето и планирањето на интегралната заштита се разгледува на неколку нивоа: во рамките на просторните планови, во рамките на генералните и деталните урбанистички планови и во урбанистичките проекти, додека во рамките на одделните архитектонски проекти за реставрација и ревитализација тоа претставува предмет на посебна студија.

    За да се рационализира обемот и за да се поедностави разработката, одделните проблемски области во основниот текст се изложени концизно, додека нивните подетални стручно-научни образложенија се дадени во одделни текстуални, табеларни или графички прилози.

    ПОИМИТЕ И КАТЕГОРИИТЕ содржани во насловот на овој труд сè уште немаат во целост дефинирано значење, ниту на домашно ниту на меѓународно ниво. Користејќи ги меѓународните документи од областа на заштитата, како и личните стручно-научни истражувања од таа област, во продолжение изнесувам куси дефиниции на тие поими и категории. Сметам дека тоа ќе овозможи поправилно да се разберат ставовите, образложенијата, насоките и препораките содржани во овој труд.

    Во смисла на горното, нагласувам дека поимот „заштита“, треба да се сфати нашироко, како општествен, правен, економски и стручно-научен систем за зачувување на културно-историско богатство, како наследство за иднината.

    Категоријата „интегрална заштита“ има потекло од францускот збор intégrale што означува: потполна, целосна, севкупна; додека од него изведената именка la intégralité значи целина. Од тоа произлегува дека категоријата интегрална заштита претставува најблиска конотација на постапката за севкупна заштита на целините. Тоа е официјализирано и со чл.10 од Конвенцијата за заштита на градителското наследство на Европа (Гранада 1985) и со нејзиното образложение (Стразбург, 1986) .

    Таквата дефиниција на интегралната заштита претставува проширено толкување на она што се содржи во Амстердамската декларација од 1975 година, која опфаќа: заштита на архитектонските целини во најширока смисла на глобалниот развој, така што со неа се опфатени сите објекти со културно значење (од највисоко до најскромно), незаборавајќи ги ни оние од современата епоха, заедно со нивната околина. Декларацијата пледира дека таквата глобална заштита ќе се дополни со поединечната заштита на изолираните споменици и објекти.

    Со понатамошниот развој на значењето на интегралната заштита целосно е напуштен тесниот стручно-научен пристап и се поминува во еден сложен општествено-економски и урбанистичко-планерски пристап во заштитата на градителското наследство. Принципите на таквиот сложен и повеќенасочен пристап во голем дел се применети во рамките и на овој труд.

    Под категоријата „недвижно културно-историско наследство“, во рамките на овој труд е опфатено разновидното градителско наследство со културно-историска вредност, при што археолошкото недвижно наследство се остава да биде предмет на посебна студија во рамките на овој прокт.

  • Историските услови за архитектонско – урбанистички развој на Битола на преминот меѓу XIX и XX век – период од престојот на Кемал Ататурк. XIV Турски конгрес по историја, Анкара 2002. Објавен и на македонски јазик во Зборникот бр.61, 2002 на Институтот за национален фолклор „Марко Цепенков“, Скопје

    Во рамките на трудот, преку продлабочено истражување се докажува дека во Битола и нејзината околина во тек на вековите се случувале големи историски настани, се судирале и се мешале различни култури и цивилизации. Таму е создаден спој на различни народи, вери и обичаи. Сето тоа оставило забележителни траги во урбаната структура на градот, но и во наследената градска култура. Оваа разноликост, сфатена како богатство, до полн израз во Битола доаѓа кон крајот на XIX и во почетокот на ХХ век. Тоа е времето на школувањето, а потоа и на воената служба на младиот Мустафа Кемал. Несомнено е дека проучувањето на сите тие настани и согледувањето на сите тие состојби, на идниот голем стратег и реформатор му помогнало да ја оформи својата револуционерна програма за создавање на модерна Турција, во: политички, општествен, воен, културно-образовен, па и во научен поглед.

  • Интегралната заштита на урбаното и архитектонското наследство – нови стратегии. Меѓународен симпозиум на градовите од светското наследство на ООН. Родос, Грција 2003

    Во рамките на овој труд се користат поуките од досегашното теориско и практично искуство во заштитата на урбаното и архитектонското наследство и се препорачуваат системски мерки за негова интегрална заштита. Врз основа на тоа се предлагаат конкретни современи стратегии и методи за управување со наследството, како што се:

    • Изработка на Секторска студија за наследството на сите нивоа на планирањето, како една од основите за изработка на урбанистичките и просторните планови,

    • За местата или деловите на места кои имаат споменички карактер, замена на вообичаените урбанистички планови со планови и проекти за ревитализација,

    • Употреба на модели за спроведување на процесот за реставрација и ревитализација на одделните објекти, со цел да се воспостави нивниот оптимален облик.

    Една од главните цели на Конвенцијата за заштита на градителското наследство на Европа (Гранада 1985), претставува сеопфатното (интегралното) зачувување на наследството како важен фактор за унапредување на животната средина. За таа цел, Конвенцијата инсистира на потребата од сеопфатна соработка на надлежните органи и стручњаци од областа на просторното планирање со оние од областа на заштитата. Меѓу останатото, потписничките се обврзуваат дека ќе ја прифатат политиката на интегрална заштита, која на заштитата, ревитализацијата и функционалното користење на градителското наследство му дава главна улога во политиката поврзана со: културата, животната средина и просторното планирање.

    Искуството покажува дека е потребно државниот орган на управата, надлежен за работите на урбанизмот, поблиску да пропише единствена методологија и содржина за изработка на просторните и урбанистичките планови, која ќе обезбеди интегрална заштита на наследството. Согласно новите културни придобивки и стручно-научните сознанија, би било корисно методологијата да ги содржи категориите: План за ревитализација и Проект за ревитализација.

    Во колку урбанистичките планови (проекти) се прават за населени места или делови на населени места со значајно присуство на градителско наследство, тие треба да бидат задолжително заменети со планови (проекти) за ревитализација. Планот (проектот) за посебно подрачје, градителска целина и сл., како и програмата за нивно уредување во начело имаат содржини како и урбанистичките планови, со тоа што главен акцент се става врз заштитата и ревитализацијата.

    Врз основа на досегашните истражувања може да се констатира дека за подрачје или делови на населено место кои претставуваат историско-градителски целини неопходно е донесување на урбанистички проект за ревитализација. Проектот за ревитализација би го заменил урбанистичкиот проект во својство на документ од општествено значење. Со проектот за ревитализација овозможено е соодветно третирање на наследството и негово вклучување во современиот живот на населбата. Недоволното почитување на наведените обврски и препораки доведува до постепено обезличување на историските места, како што е на пример случај и со Охрид - градот на UNESCO.

  • Македонската архитектура во 80-тите години на ХХ век, ревалоризација на создадените вредности. Трибина БИМАС 2004 „Македонската архитектура од БИМАС 1981 до прагот на новиот милениум“

    За вредносните квалитети на македонската архитектура од почетокот на 50-тите до крајот на 80-тите години, како и на тогашната југословенска архитектура на европско ниво, неможе да се суди според домашните критериуми изнесени во малиот број стручни списанија. Евидентно е дека присуството на нашите архитекти во странските публикации е многу ретко, а нивната афирмација на големите меѓународни конкурси и манифестации е речиси занемарлива. Мора да се признае дека и делата што со строга селекција имаат добиено некое домашно признание, тешко можат да заземат видно место во европски рамки.

    Таквата местоположба на нашата архитектура се совпаѓа со местоположбата на останатите домашни уметнички гранки во европски рамки. Се разбира дека постојат ретки исклучоци, кои само ја потврдуваат оваа констатација. За таквата неповолна положба на домашното творештво, воопшто по Втората светска војна постојат повеќе причини.

    Според Иван Штраус: почнувајќи од 1945 год. во рамките на соцреализмот се фаворизира колективниот за сметка на индивидуалниот творечки чин, што им дозволува и на голем број медиокритети да се поистоветат со уметничкото ниво на ретки вредни поединци. Затоа, еден мал број талентирани и високо образовани архитекти со децении напразно настојува домашната архитектура да добие меѓународен углед. Таквата положба на домашната модерна архитектура има длабоки корени во општествено-политичката состојба и внатрешните односи, кои се во целосна спротивност со напредните европски настојувања.

    Од друга страна, архитектонското образование релативно заостанува зад западноевропските системи. Кон тоа придонесе и тогашната либерализација на уписната политика во високото образование, продуцирајќи голем број архитекти, од кои добар дел неможат да обезбедат работа во областа на градителството. Беспоштедната борба за работа доведе до мала цена на проектантската дејност, а тоа до опаѓање на нивото на архиткетонските проекти.

    Проектантскиот процес не го стимулира индивидуалниот креативен напор и истражување, при што речиси целосно е занемарено осовременувањето на самиот процес. Кон тоа придонесоа бирократските структури на власта и бројните законски регулативи од областа на градителството. Огромните градежни фирми, кои наводно водејќи сметка за општествените средства и за вработување на огромен број нискоквалификувани работници, всушност работат сè, без сериозна општествена контрола и без каков било напредок во технологијата на градењето.

    Домашниот менталитет придонесува за прифаќање на со ништо докажаната генијалност, што автоматски ги исклучува предусловите за висок архитектонски полет, како што се: вистинска работа и дисциплина, висока стручност, професионален однос и одговорност, перманентна едукација и сл. Затоа, кон крајот на 80-тите години, Иван Штраус со право има запишано: „Доколку наведениот сплет на околноси не се промени, невозможно е југословенската архитектура да обезбеди пристојно место во широкиот свет на грубата реалност и на строгата рационалност, каде се ценат само објективните факти“.

    Оваа состојба на прагот на последната деценија на ХХ век, драстично се менува, така што самиот поим „југословенска“ архитектура, набргу станува анахрон, како и самото југословенство. Набргу по укинувањето на еднопартискиот систем доаѓа до војна во СФР Југославија и до нејзино болно распаѓање на повеќе држави. Освен човечки се предизвикани и големи материјални загуби, особено во областа на градителството. Сигурно е дека веќе ништо не е исто и нема да биде исто како во периодот 1945-90 год., па и градителството кое е директно зависно од потребите и можностите на општеството.

    Штета е што македонската архитектура во последната деценија на ХХ век не извлече корисни поуки од изминатиот југословенски период, како што успеа релативно мирно без војна да излезе од федерацијата. Огромната материјална штета што ја претрпе домашната економија имаше голем негативен одраз и врз архитектонската практика. Со релативната економска стабилизација, архитектонската продукција постепено зајакнува во втората половина на 90-тите години. Тогаш ќе бидат реализирани неколку значајни и поголем број помали објекти, но сепак, вредни дела. Некои институции и поедини архитекти ќе се истакнат и на архитектонската сцена во Русија и во арапските земји. Штета е што за време на депресивниот период од првата половина на 90-тите години не беше искористена можноста за продлабочени архитектонски истражувања, како теориска поткрепа за очекуваната градителска експанзија на преминот на ХХ во XXI век.

  • Процесот на глобализацијата и регионалните архитектонски вредности. Светско триенале на архитектурата Интерарх, Софија 2003

    Постепеното прераснување на модерната архитектура во еден вид интернационален стил претставува дел од еден општ процес на глобализација, што се појави во средината на минатиот век. Таквиот вид архитектура која не е вкоренета и не е типична за конкретното поднебје, туку е пренослива на различни меридијани, започнува да преовладува во втората половина на XX век.

    На социјален план, глобализацијата која има тенденција да го изедначи растот на културен и економски план, всушност предизвикува уште поголеми разлики меѓу богатите и сиромашните земји.

    Во времето на постмодерната архитектура, во текот на 70-тите години се зголемуваат напорите за повторно воспоставување континуитет со минатото, но неумерените реакции против интернационалниот стил предизвикуваат нагласено враѓање кон историцизмот. Сепак, светла точка во рамките на тој процес претставува појавата на неорегионализмот, кој бара транспозиција на традиционалните локални вредности во препознатлив модерен израз.

    Како и да е, помладата генерација архитекти, која веќе претставува интегрален дел од новонастанатото информатичко општество, започнува да создава еден нов вид архитектура, која сеуште нема свое име, а би можела да се нарече кибернетичка.

    За среќа, богатата културно-историска разновидност на европските земји, нив ги прави релативно отпорни на заканувачката глобализација, така што станува актуелно црпењето инспирација, истовремено од херојските години на модерната и од вредностите на регионалната архитектура. Со помош на идните научни откритија, веројатно дека овој позитивен процес ќе добие можност да се подигне на едно повисоко и поквалитетно ниво.

  • Системот и видовите на населби во Македонија, создадени како интеракција меѓу словенската и турската култура на живеење. VI меѓународен конгрес на турската култура, Анкара, 2005

    Долговековното владеење на Турското царство со Балканскиот Полуостров извршило големо влијание врз создавањето на таква територијална организација на населбите, која е директно поврзана со нивната административноуправна, стопанска и друга функција. Хиерархиската подреденост на населбите формира еден специфичен модел на територијална организираност во вид на пирамида на населби, од чие проучување може да се извлечат низа поуки за денешното и идното просторно планирање.

    По доаѓањето на турците на Балканот, видот на населбите забрзано се менува како креативна интеракција меѓу словенската и турската култура на живеење. Специфичностите на одделните населби произлегуваат од: односот меѓу утврдувањата и населбата, конфигурацијата на теренот, местоположбата во однос на сообраќајниците, односот кон реката, начинот на стопанисување итн.

    Наведените фактори имаат извршено евидентно влијание врз урбаната структура на секоја одделна населба. Во почетокот, населбите имаат посебни маала за христијани и муслимани, но набргу нивниот интерес се обединува околу улогата на Чаршијата, како центар на населбата. Таквото стопанско обединување врши интерактивно влијание и врз промената на општествените односи, што резултира и со создавање на т.н. мешани маала со население од различен етнички состав.

    Специфичниот развој на населбите придонесува за создавање на една урбана структура во вид на заеднички именител, којшто може да се дефинира како град – стебло. Од Чаршијата (стеблото) тргнуваат главните улици (гранките), кои се разделуваат на улички (гранчиња) на кои се наредени куќите (лисјата). Тоа придонесува и создавање на особен обликовен шарм во овој специфичен отворен град, од којшто може да се извлечат корисни поуки за урбаното планирање и проектирање во времето на сегашните и идните евроинтеграциски процеси.

  • 333 историски поуки и аналогии (проект „Скопје, 2014“ – еклектика без етика). Едиција Градот, Книга 2. Темплум и Плоштад слобода, Скопје, 2010

    Денес, на почетокот на XXI век, кога светот забрзано се глобализира, нашите архитекти се поставени пред тежок предизвик: Како да го пронајдат архитектонскиот јазик на обновената желба за преродба? Односно: Како да се воспостави врската меѓу глобалните трендови на архитектурата на информатичкото општество и поуките од нашето богато градителско наследство? Во рамките на трудот, авторот во трудот детално ги елаборира поглавјата:

    • Корените на новиот „академизам“ во проектот „Скопје 2014“,

    • Заспаниот ум раѓа чудовишта,

    • Против „заговорот на академичарите“,

    • Израз или стил во архитектурата?.

    Од согледаните противречности меѓу авангардните движења во светската архитектура и идеите претставени во проектот „Скопје 2014“, според него произлегуваат следниве заклучоци:

    • Во име на напредокот на творечката мисла, слободоумните образовани архитекти во Р. Македонија не треба да прифаќаат каков било рецепт со кој однапред се наложува архитектонскиот израз на новите објекти;

    • Архитектите изразуваат револт против институционалното наметнување на еклектичните стилови во архитектурата на новата информатичка епоха;

    • Во име на архитектонската етика, се повикуваат малубројните архитекти кои земаат учество во „стилски“ диктираните конкурси, да се откажат од тоа;

    • Во име на вистината, се повикуваат и малубројните „академичари“ да се откажат од понатамошното залажување на неупатената јавност, со тврдењето дека еклектичните стилови прикажани во проектот „Скопје 2014“ се дел од нашата традиција.

    Афирмацијата на нашата самобитност не може да се направи преку имитација на увезени еклектични стилови, туку со помош на креативна современа трансформација на нашето богато градителско наследство. На таков начин може да станеме достојни синови на нашите големи предци, а во исто време и почитувани граѓани на светот, кој што забрзано се глобализира.

  • "50 ГОДИНИ ОБНОВА И ИЗГРАДБА НА СКОПЈЕ (1963-2013) Историско - критички поглед на архитектурата"

    Скопје, главниот град на Република Македонија има повеќе етапи во својот историски развој, напредок и пропаѓање. Тој познава долготрајни блескави периоди, но и моментални катаклизми од земјотреси или пожари. Развојот на градот меѓу двете светски војни се карактеризира со напуштање на ориенталните карактеристики и со свртување кон т.н. европски вредности, кога во него се подигаат некои објекти во модерен стил. Во годините по Втората светска војна, под неповолни економски околности се настојува да се фати приклучок кон новите тенденции, при што преовладуваат напорите за воведување на интернационалниот стил. Вистинска експанзија по архитектонско-урбанистичкиот развој на градот се случува по разорниот земјотрес од 1963 година, кога Скопје е прогласен за Град на меѓународната солидарност. Со учество на ООН и со помош од речиси целиот свет, Скопје повторно изникнува како феникс од пепелта...

    Превземете ја содржината (PDF 26.5 MB)

Покрај наведените трудови и реферати, М. Токарев има објавено голем број написи во стручни списанија и дневниот печат, а има организирано и стручно – научни расправи во рамките на БИМАС.

Како активен член на Движењето на екологистите на Македонија (ДЕМ) тој има организирано и учествувано со свои стручни трудови на неколку домашни и меѓународни советувања. Така, тој се јавува и како уредник на зборниците од стручно-научните реферати изнесени на меѓународните симпозиуми за заштита на Дојранското, Охридското и Преспанското Езеро.

ФОТО ГАЛЕРИЈА

М. Токарев со учесниците на Меѓународниот симпозиум на Универзитетот Yildiz во Истанбул (1997)

М. Токарев при примањето на наградата „Љубен Најденов“ за достигнувањата во областа на архитектурата (2000)

М. Токарев зборува за архитектурата во Р. Македонија во последните децении на ХХ век (БИМАС 2004)

contact@mihailtokarev.mk M.Tokarev 2011