АРХИТЕКТОНСКИ ПЛАНОВИ И ПРОЕКТИ

  • Идејни и главни проекти за хотелски бунгалови и други придружни објекти во комплексот “Белви” кај Скопје (реализирано),

  • Урбанистички проект за уредување на дел од воената касарна во Прилеп (реализирано),

  • Адаптација и доградба на детската градикна “Водно” во Скопје (реализирано),

  • Адаптација и доградба на ресторанот “Кермес” во Скопје, со партерно уредување (раководител на тим, конкурсен проект),

  • Архитектонска визија на комплексот “Св.Спас” во Скопје (раководител на тим, конкурсен проект),

  • Идеен и главен проект за приградската резиденција “Вила Елена” во с. Бардовци кај Скопје (реализирано).

Идеен и главен проект за приградската резиденција “Вила Елена”

Инвеститор: приватен

Автор: д-р проф. М. Токарев, д.и.а.; соработник: Б. Борозанов, арх.

Проектирано: 2002 год.; изведено: 2003-04 год.

Објектот се наоѓа во месноста наречена Над воденици, од каде се пружаат широки визури во јужна и во источна насока. Непосредната околина е изградена со куќи-вили, додека на запад од другата страна на улицата се наоѓа селската црква. Со проектот се исполнети програмски барања во однос на содржината на објектот и неговото партерно уредување.

Во приземјето се сместени: дневен боравок со зимска бавча – 46 m2, вестибил и трпезарија – 33 m2, антре, утилити и кујна – 28 m2, ходник и гостинска одаја – 26 m2, гаража и стакленик – 52 m2, или вкупно 216 m2.

На катот се сместени: родителскиот дел за спиење – 34 m2, детскиот дел за спиење – 38 m2, работна соба и лоѓа – солариум, така што катот има вкупно нето површина од 113,5 m2. Од катот се пристапува до работниот кабинет сместен на поткровјето со 22 m2.

Во подрумот, покрај техничките простории и магацин има и мала сауна, така што вкупната нето затворена површина на објектот изнесува 410 m2

Функционалната организација на објектот е доведена во целосна согласност со карактеристиките на локацијата, поднебјето и потребите на корисникот. Во приземјето тој има сложена „П“ форма, при што широко се отвора кон југ, така што со крилјата го „прегрнува“ базенот и го заштитува од северните струења. За гостинската одаја е обезбеден посебен влез од кај пристапот за гаражата. Гостинската одаја има своја бања, која е сместена во батерија со бањата што го опслужува приземјето.

Големиот дневен престој, заедно со трпезаријата во посебни прилики може да прими 50-тина гости. Нејзин составен дел е зимската бавча свртена кон југ. Волуменот на дневниот престој е оформен со наклонет пирамидален кров со лантерни, така што во тој релативно голем волумен може за 5 минути да се смени целиот воздух. Од дневниот боравок, како и од стакленикот има директен пристап кон базенот. Плочникот околу базенот поминува во плочник пред гаражата, кој во вид на трем добива функција на фурна со скара и простор за летна закуска.

Концепцијата и физичката структура на објектот имаат карактеристики на енергетски ефикасна архитектура, а за добивање на топла вода служат соларните колектори поставени врз кровот на гаражата. Зависно од нивниот број може да се добие и вода за догревање на базенот. Тој, освен во лето би можел да се користи во пролет и во есен, доколку се покрие со монтажна лачна конструкција од пластични цевки и со специјална синтетичка термо фолија.

Просторно-волуменското обликување на објектот се состои од расчелети кубуси поставени во една складна каскадна конструкција. Тоа овозможува од сите страни, а особено од пристапот да се согледа целата композиција, при што таа изгледа нежно и разиграно. Во архитектонското обликување е употребен поедноставен начин за интерпретација на регионалните традиционални вредности, така што овој објект не се наметнува, туку целосно се вклопува во својата околина и поднебјето. При оформувањето на одделните волумени како и при нивното составување во композициска целина е користено хармониско пропорционирање, со употреба на квадрат и триаголници со агли од 60° и 30°.

contact@mihailtokarev.mk    

Prof.d-r M.Tokarev 2011